Коронавирусот ги урна светските берзи, „избришани“ 15 билиони долари

Земјотресот на светските пазари на капитал и стоки, заради пандемијата на коронавирусот, трае веќе три месеци и ја предизвика, веројатно, најразурнувачката распродажба на активи уште од Големата депресија. Бројките се запрепастувачки, наведуваат британските медиуми.

На светските берзи се „избришани“ 15 билиони долари во вредност на акции, цената на нафтата опадна за 60 отсто, а пазарите во раст, како Бразил, Мексико и Јужна Африка, бележат пад на вредноста на нивната национална валута за повеќе од 20 отсто.

Притисокот врз пазарите на корпоративното здружување ги засили стравувањата дека можат да пропаднат цели сектори – „испари“ речиси половината од вредноста на акциите на авио-компаниите, а економиите што веќе се во пад се соочуваат со нов бран на криза на државни долгови, додаваат британските медиуми.

Гилотината не ја одбегна ниту Волстрит, каде е забележан слободен пад на индексот Дау Џонс за 22 отсто, и индексот С&П 500 за 24 отсто, азиско-пацифичкиот МСЦИ, што ја мерки вредноста на акциите на берзите во 49 земји, загуби речиси 25 отсто од вредноста, додека лондонскиот ФТСЕ се урниса за 27 отсто.

Илустрирајќи го интензитетот на ударот што го трпат светските берзи британските медуими наведуваат дека рекордниот квартален пад на вредноста на Волстрит во 1932 година, за време на Големата депресија, изнесувал 40 проценти, а фактот дека индексите на Дау Џонс и С&П 500 пред еден месец беа на рекордно ниско ниво, сведочи за тоа дека овој пат падот е побрутален.

Акциите во Кина, земјата која вирусот прва ја погоди, релативно добро минаа со пад од само 11 отсто во доларска противвредност, но последиците на другите големи пазари во нагорна линија беа многу поболни бидејќи нивните главни пазари за стоките се во валута во колапс.

Руските акции, што минатата година беа на чело на листата добитници, потонаа за 40 отсто во доларска вредност, додека вредноста на акциите на берзата во Бразил се урнисаа за 50 отсто. (МИА)