Користете детско седиште за превоз на вашите најмили бидејќи безбедноста на децата нема алтернатива!

Што правите сите прво (или барем дел од вас) кога ќе седнете во автомобил? Се врзувате со појас, зарем не? Кога се превезувате на предните седиште, секогаш го правите тоа, а за појас на задните седишта, иако е задолжително, секогаш постои едно „ама“! А децата? Дали секогаш, без исклучок, се во своите седишта?

Значи, повторно сме на тема: важноста од употреба на детски седишта и постојаната едукација на родителите по прашањето за безбедност на децата во сообраќајот!

Имајќи ја предвид поразителната статистика кога е во прашање безбедноста на децата-патници во сообраќајот, може да се заклучи дека користењето на детските седишта се наметнува како нужна потреба. Со други зборови, користењето на детските седишта, од една страна, е задолжителна законска обврска за деца до 5 години, но истовремено претставува и етичка и морална одговорност на секој родител или старател.

Затоа, РСБСП уште еднаш потсетува: Деца помлади од 12 години не смеат да се превезуваат на предното седиште! Освен, во случај кога се превезува дете помало од 2 години во детско седиште таканаречено „јајце“ во кое детето се врти обратно од насоката на возење и под услов да се исклучени воздушните перничиња.

Секој родител мора да биде свесен и одговорен кога е во прашање животот и безбедноста на децата, односно, користењето на детските седишта е одраз на родителската одговорност.

Оправдувања и изговори не смеат да постојатите. Цената што ја плаќа детето со својот живот поради тоа што родителите, немаат време, не сакаат или не се доволно информирани за користење детско седиште е огромна, односно не смеат да постојат изговори и оправдувања од типот:

Одиме само до продавница, градинка или парк! Најголемиот број од сообраќајните незгоди, во кои страдаат децата, се случуваат кога патувате на кратко растојание во населено место.

Го држам во раце! При судар во движење, низ силата која следи, детето/бебето добива таква маса што е невозможно да се задржи во раце. На пример: бебе од 5 кг, при судир во возење, со брзина од 50км на час, колку што е дозволено низ град, ќе има маса од 100кг. Обидете се да задржите 100кг во прегратка!

Не сака детето, се буни! Децата се навикнуваат и учат. Потребно е трпение и доследност, а вам како родители ви е обврска да направите сѐ за безбедноста на вашите најмили.