Користат препознатливи имиња, нудат лажни награди: Граѓаните „се горат“ од Фејсбук

Измамите на социјалните мрежи се нешто со кое секојдневно се соочуваме, од креирање лажни страници на познати брендови, до нудење копии на производи кои се рекламирани како оригинални. 

Во текот на изминатите денови повеќе граѓани на Македонија имале искуство со телефонски повици од непознат број. Оние кои кренале на телефон, добиле понуда за пакет производи во вредност од 8.800 денари, кој можат да го подигнат за 1.800 денари, бидејќи се добитници на награда. 

Своето искуство го споделија неколку членови во групата „Ѕид на измами и прашања за искуства од онлајн продавници“, која е отворена токму за ширење на свесноста и заштита на потрошувачите до онлајн измами. Сите тие во ист ден биле контактирани со истата „неверојатна“ понуда која вклучува наводно брендирани накит и парфеми. Според коментарите, ова трае веќе подолго време, а фејсбук-страницата често го менува името и потоа се претставува со новото. 

Овојпат тие го искористиле името „Натурела Македонија“. „Натурела“ е име на производи за женска нега, хигиенски и менструални влошки, со што се создава чувство на препознавање и доверба. За среќа, дел од членовите на групата веќе имале непријатно искуство и укажаа на фактот дека истата страница претходно работела под друго име, но сепак со истите понуди. 

Останува прашањето како модераторите и администраторите на ваквите страници доаѓаат до приватните телефонски броеви на потенцијалните корисници на нивните услуги, а на истото прашање одговараат дека не смеат да ги откријат своите извори. Единствена среќна околност во ваквите случаи е што кога лицето ќе се изјасни дека не е заинтересирано за понудата, тие не се обидуваат да го убедат во спротивното.