Координација и соработка предуслов за превенција на безбедносните ризици и закани

Прашањата дали е потребна координација и соработка и како се остварува истото беа во фокусот на денешната научно-стручна дебата на тема „Јавната и приватна безбедност – преку координација и соработка до заедничка превенција на безбедносните ризици и закани“ што се одржа на Филозофскиот факултет во Скопје.

Свое воведно обраќање на отворањето на дебатата во Филозофскиот факултет имаше министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, кој истакна дека јавната безбедност е најконкретен облик на безбедноста насочен кон заедница и нејзините граѓани.

– Притоа во потполност регулирана со позитивното право на државата, така што граѓаните имаат увид и влијание на работата на субјектите на јавната безбедност, а тоа примарно е полицијата, истакна министерот Спасовски.

Министерот нагласи дека има простор за кооперативност и унапредување на мотивираната соработка и активности, и кај МВР и кај Комората за приватно обезбедување, но и кај академската заедница од областа на безбедноста.

На настанот беше промовирана и книгата „Јавната и приватната безбедност- координација и соработка“ која е резултат на истражувачката студија што содржи резултати од истражувачкиот проект поддржан од Комората на Република Северна Македонија за приватно обезбедување, реализиран од Филозофскиот факултет-Скопје во состав професор д-р Оливер Бакрески, професор д-р Марјан Ѓуровски и м-р Лета Барџиева Миовска, автори на книгата.

Деканот на Филозофскиот факултет, професор д-р Ратко Дуев, рече дека безбедноста е најзначаен сегмент за секое општество.

– Бидејќи без овој основен сегмент, не може да имаме економски развој, не може сите оние работи кои треба да се случуваат во општеството, не можат да функционираат, рече тој, дополнувајќи дека токму поради тоа како Факултет ја препознале потребата од иницијативата, односно, растот на приватната безбедност и покрај основната студиска програма за безбедност и мир, како што рече веќе петта година функционира програмата за приватна и корпоративна безбедност.

Деканот смета дека вакви научно стручни дебати во голема мера ќе ја зголемат безбедноста на граѓаните и функционирањето на јавниот и приватниот сектор за цел за побезбедно општество.

– Книгата која што исто така денеска ќе ја промовираме, го покажува трендот на Филозофскиот факултет, двете студиски програми и на тој начин придонесот на нашиот факултет е во голема мера теоретски да помогне во развојот на двата сегмента, рече тој.

Додека, министерот Спасовски истакна дека студијата ги нотира општите трендови во доменот на координацијата и соработката помеѓу полицијата и приватната безбедност.

– Практично овој труд јасно сугерира дека услугите на државниот и на приватниот сектор може да се комбинираат со цел да се намали криминалот, а да се зголеми безбедноста, рече тој.

Претседателката на Комората на Република Северна Македонија за приватно обезбедување, Верица Милеска Стефановска, изрази благодарност до сите кои го овозможија објавувањето на публикацијата и цитираше дел од истата кој заклучува дека „Координацијата е сериозен предизвик за безбедносниот сектор во една држава и клучното прашање што се поставува не е прашањето дали е потребна координација и соработка, туку прашањето е како да се остварува потребната координација“.