Контроверзните браќа Бол го одиграа предвидениот натпревар против Работнички

Контроверзната кошаркарска фамилија Бол вчера пристигна во Скопје, пренесува Вечер.

Имено, браќата на далеку попознатиот Лонзо, кој настапува за НБА тимот на Лос Анџелес Лејкерс, Лианџело и Ламело, заедно со уште неколку млади кошаркари го одиграа предвидениот натпревар против најтрофејниот кошаркарски клуб, екипата на Работнички.

Станува збор за средба во склоп на големата турнеја на Џеј-Би-Еј лигата во која настапуваат млади и талентирани кошаркари кои не сакаат да влезат во системот на НЦАА. Воедно, семејството Бол, кое важи за најциркузантско во светот на кошарката, престојот во Скопје ќе го искористат за снимање епизода за нивното реално шоу кое редовно се емитува преку Фејсбук.

Инаку, Работнички триумфираше на овој дуел со 127: 122 против избраниот тим од американската Џеј-Би-Еј јуниорска лига, позади која стои најпознатиот кошаркарски циркузант во светот, Лавар Бол. Тимот од „Градски парк“ во составот беше без Ѓорѓи Чековски и Димитар Мираковски, додека Чавдар Костов и Марјан Јанески имаа лимитирана минутажа. Екипата од клупата беше предводена од Александар Јончевски, помошникот на првиот стратег Марин Докузовски. Македонскиот тим средбата ја почна со фантастични 41-17, но потоа ја намали брзината поради што гостите полека, но сигурно ја намалија негативата, па дури и дојдоа до дрматична завршница изедначувајќи на 118:118. Меѓутоа, „Центарци“ не дозволија пораз од младите кошаркари.

Во составот на Американците вечерва беше само Лианџело Бол, додека најмладиот од тројцата браќа, Ламело, поради повреда го пропушти натпреварот.