Контроверзи околу организацијата на концертот на „Масив Атак“ во Скопје – публиката разочарана од доцнењето и условите

Концертот на легендарниот трип-хоп бенд Масив Атак, што синоќа се одржа во Скопје, беше еден од најочекуваните настани ова лето, но дел од публиката на социјалните мрежи изрази разочараност од организацијата, посочувајќи неколку сериозни недостатоци.

Најмногу критики се однесуваат на значителното доцнење на настапот. Иако на билетите беше наведено дека концертот започнува во 19:00 часот, настапот не започна ни до 21:15 часот, при што публиката стоеше повеќе од два часа на топло време. „Shame on you Avalon“, стои во твитот кој собра најмногу лајкови на платформата „X“.

 

Други коментари посочуваат дека доцнењата стануваат практика на концертите организирани од „Авалон продукција“, иако има разбирање дека високите температури можеби се причината за доцнењето, евентуално на барање на изведувачите.

Покрај доцнењето, дел од посетителите го критикуваа и недостигот на основни безбедносни контроли и лошата организација на продажбата на пијалаци. „Плаќање само во кеш, кое никаде не беше најавено, и чаши кои личеа на садови за урина“, се наведува во еден од коментарите.

Сепак, замерки имаше и на сметка на самиот бенд, особено поради нивните политички пораки што беа дел од визуелната поставка на концертот. „Многу ми е смешно што пола Скопје што не отишло подалеку од кафана во Врање, отишле на Масив Атак и се чудат зошто имале политички пораки“, напиша еден корисник на социјалните мрежи, потсетувајќи дека политичкиот ангажман отсекогаш бил дел од идентитетот на Масив Атак.