Конкурс: Ќе се доделуваат месечни надоместоци на самостојните уметници за 2019

Министерството за култура денеска во печатените медиуми и на веб-страницата www.kultura.gov.mk го објави Конкурсот за доделување месечни надоместоци на самостојните уметници за 2019 година.

Од Министерството соопштија дека за стимулирање и помагање на уметничкото творештво на самостојните уметници, за 2019 година ќе обезбедат средства од Буџетот на Република Македонија, како месечни надоместоци на самостојните уметници, за придонесите за здравствено, пензиско и инвалидско осигурување и за персоналниот данок на доход.

Право на учество на конкурсот имаат самостојни уметници кои се регистрирани во Централниот регистар на Република Македонија  како трговец-поединец самостоен уметник за вршење уметничка дејност во согласност со Законот за културата и со Законот за трговските друштва.

Основни критериуми за доделување на месечниот надоместок на самостојниот уметник се уметничките вредности на неговото творештво и на неговите изведби и активности во текот на последните пет години.

Надоместок ќе му се додели на самостојниот уметник кој ги исполнува критериумите по одделни видови уметничко творештво утврдени во Правилникот за утврдување на критериумите за доделување месечни надоместоци од средства од Буџетот на Република Македонија за придонесите за здравствено, пензиско и инвалидско осигурување и за персоналниот данок на доход на самостојните уметници. Правилникот е објавен на веб-страницата на Министерството за култура www.kultura.gov.mk. Конкурсот ќе трае до 14 декември, стои во соопштението.