Конкуренција на пазарот: Ќе стане ли маслото од канабис подостапно за секој

Од пред неколку дена Реплек повеќе не е единствената компанија која во земјава произведува масло од канабис. 

Македонската фармацевтска компанија доби конкуренција во американска компанија NYSK холдинг ДОOЕЛ Скопје, која отвори капацитет за производство на масло од канабис за медицински потреби во кругот на поранешната фабрика ОХИС. 

Вкупната инвестиција во период од пет години ќе биде меѓу три до пет милиони долари. NYSK холдинг веќе инвестирала половина милион евра во реновирање на овој браунфилд објектот од 2.000 метри квадратни.

Од компанијата истакнаа дека ќе го испорачаат најквалитетниот медицински канабис на пазарот и лепеза на производи, идентични како и тие во Калифорнија, САД.

Дел од овие производи ќе се најдат и на македонскиот пазар, а поголемиот дел е планиран за европскиот пазар.

Секако онаа што најмногу ги интересира граѓаните се цените. Според најавите од NYSK холдинг, цените на производите во Македонија ќе имаат повластена висина поради слабата платежна моќ на граѓаните.

Цената на маслото од канабис на Реплек, е една од главните причини зошто овој производ не го доживеа очекуваниот бум, па компанијата ги намали цените за 20%.

На пазарот од Реплек е присутно масло, кое може да се купи без рецепт и со рецепт со повисока концентрација на ТХЦ.