Коневски на страна на граѓаните од Аеродром: „Јане Сандански“ не треба да биде место каде ќе се лекуваат зависниците од дрога

Здравствениот дом „Јане Сандански“ не треба да биде место каде зависниците од дрога ќе ја примаат својата терапија. Во негова близина живеа млади луѓе, семејства и мали деца.  Ова е главната поента која поранешниот градоначалник на Аеродром ја пренел на денешниот состанок со Министерот за здравство, Венко Филипче. Според објавата на социјалните мрежи состанокот се одржал на иницијата на Министерот Филипче, а Коневски ги пренел ставовите на жителите од оваа општина. 

„Состанокот помина во конструктивна атмосфера, а министерот ги слушна сите забелешки на граѓаните што му ги пренесов, за тоа зошто овој центар не треба да се отвори во „Јане Сандански“. Му посочив дека станува збор за локација на која живеат млади луѓе и семејства со мали деца, a во непосредна близина има две големи детски градинки, основно училиште и дом за стари лица. 
Се надевам дека министерот Филипче пред да ја донесе конечната одлука ќе ги земе пред вид сите овие аргументи и ќе постапи во интерес на жителите на општина Аеродром. Државата истовремено, мора да обезбеди подеднакви права за сите граѓани и да се грижи за безбедноста и здравјето на секој поединец.“, напиша на својата фејсбук страна Коневски.