Коневски: Аеродром ќе ја добие и првата гимназија

Мојата програма за наредните четири години предвидува реализација на голем број проекти, но тука би се задржал на капиталните проекти, со кои значително ќе се придонесе за подобро утре на сите мои сограѓани, вели кандидадот за градоначалник на општина Аеродром од ВМРО-ДПМНЕ, Ивица Коневски во интервјуто за Пресс24.

Како и досега, продолжуваме со раззеленување на Аеродром, па така, планираме изградба на нов парк на површина од 10 хектари, зад зградата на ФФМ, каде ќе создадеме нова зелена приказна со голем број садници, пешачки патеки и детски игралишта. Но, паркови ќе изградиме и на сите места што го дозволуваат тоа, а секако ќе мислиме и на домашните миленичиња, кои ќе добијат уште нови катчиња. Планираме изградба на нови пет градинки со капацитет за над 1000 дечиња, како и прва гимназија во општината. Основците и во иднина ќе добиваат бесплатна училишна облека, за еднаквост на сите деца, но и за олеснување на семејниот буџет. Планираме изградиме и на Дневен центар за дечињата со пречки во развојот, каде тие ќе добијат дополнителна помош, нега, рехабилитација и оспособување за самостоен живот. Со уште позасилено темпо ќе продолжиме да вложуваме во спортот. Ќе изградиме модерен фитнес центар, каде жителите ќе можат да вежбаат и да се ослободуваат од стресот што со себе го носи современиот начин на живот. Исто така, планираме изградба на затворен базен со ватерполо димензии, со што се надевам како Општина ќе придонесеме за поголема промоција на водените спортови во нашата држава. Аеродром ќе добие и спортски тениски центар, каде што ќе се организираат АТП турнири. Минатата година почнавме проект за реконструкција на фасади и во наредните неколку години планираме да ги обновиме сите оштетени фасади на зградите во Аеродром. Нема да застанеме со реконструкција и изградба на нови улици, пешачки и велосипедски патеки, како и изградба на нови паркиралишта, вели Коневски.