
Од Јавното претпријатие Улици и патишта-Скопје известија дека пуштени се во нормална работа семафорите на крстосницата меѓу улиците „Васко Карангелевски“ и „Ангел Димовски” во скопски Аеродром.
Оваа локација долго време се сметаше за „црна сообраќајна точка“, а жителите од овој дел на општина Аеродром повеќепати бараа ревидирање на сообраќајното решение за улицата „Васко Карангелевски“, со цел поголема безбедност, со оглед дека во непосредна близина се наоѓа основното училиште „Љубен Лапе“.
На булеварот „Васко Каранѓелески“ во населбата Аеродром, токму пред основното училиште „Љубен Лапе“ многу често се случуваа сообраќајни несреќи што поради што околните жители континуирано стравуваа и постојано укажуваа дека улицата има сериозни пропусти: не е безбедна, нема семафори, ниту прегледност, има апсурдни крстосници кои ги збунуваат возачите во поглед на правото на првенство.
Со поставувањето на новата семафоризирана крстосница, се очекува да се подобри проточноста на сообраќајот и значително да се зголеми безбедноста на учесниците во сообраќајот во овој дел од градот, велат надлежните.