Концерти на Дуке Бојаџиев во Филхармонија во мај

Композиторот Дуке Бојаџиев, кој живее и работи во Њујорк, по пауза од две години повторно ќе настапи пред македонската публика со два концерта во Скопје, на 11-ти и 12 мај во Македонската филхармонија.

Настапот ќе биде реализиран во соработка со Министерството за култура и „3Гонга”. На целовечерниот концерт со наслов „Сон Верба Љубов“ Бојаџиев ќе настапи со авторски материјал освежен со нови нумери од истоимениот албум, како и со дел од неговото поново филмско творештво.

На концертот на Дуке (пијано и вокал) специјален гостин ќе биде Тијана Дапчевиќ, а актерката Наташа Петровиќ ќе биде вокал и наратор. На кларинет ќе настапи Исмаил Лумановски, Костас Анастасиадис на тапани, Мартин Ѓаконовски на контрабас, а ќе учествува и стринг-квартетот: Владимир Крстев и Маја Ефремова-Шеќерова (виолина), Марко Виденовиќ (виола) и Марија Михајловска (виолончело).

Дуке Бојаџиев од 2001 година живее и работи во Њујорк. Дипломирал на Медицинскиот факултет во Скопје, а потоа на музичкиот колеџ „Беркли“ во Бостон. Компонирал музика за многу филмови и соработувал со неколку добитници на Оскар, меѓу кои со режисерите Џонатан Деми за филмот „A Master Bilder“ и Данис Тановиќ за филмот „Пекол“.

Билетите за концертите ќе бидат во продажба од 16 април на билетарницата во Македонската филхармонија и на мктикетс.мк.