Концертен спектакл на Сузуки и „Профундис” со визуелни ефекти утревечер во НОБ

„GROOVE“ (ГРУВ) на македонскиот камерен оркестар „Профундис“ утревечер со почеток во 20 часот на сцената на Националната опера и балет.

Уникатноста на овој концерт е во спојот на музиката и визуелното волшепство, па така искуството на присутните ќе биде збогатено со специјално креирани 3Д визуелни ефекти од единствениот Милчо Узунов кои со технологијата на 3Д мапинг во целост ќе ја оживеат сцената на Националната опера и балет и ќе бидат уникатно доживување кое за првпат ќе се случува во нашата земја на концерти од класичната музика.

На сцената како солист ќе настапи виртуозот на виолончело Драган Ѓорѓевиќ – Сузуки, кој пред македонската публика ќе се претстави заедно со врвните музичари од камерниот состав „Профундис“ под диригентската палка на маестра Ѓурѓица Дашиќ.

На концертниот спектакл „GROOVE“ (ГРУВ) ќе прозвучи оригинална програма со четири праизведби составени од класиката, преку фолклорот, до рокенролот. Ексклузивноста на програмата преку делата на Џими Хендрикс, Палп Фикшн - Мизерлоу, В.Валтон, Д.Шостакович, Офенбах, Попер и Сарасате ќе ја збогати и делото на македонскиот композитор Дарко Илиевски – „Motus folklorikus“, напишано специјално за овој настан и посветено на камерниот оркестар „Профундис“.

- Програмата концептуално е составена од избрани композиции коишто во фузија со 3Д мапингот ќе предизвикаат „напад“ на сите сетила кај публиката. Овој концерт е доказ дека креативноста не познава граници и ќе биде навистина неверојатно мултимедијално доживување кое се случува еднаш, но останува засекогаш. На наше големо задоволство во продажба се останати уште многу мал број на билети, што значи полна сала а тоа а нас уметниците е од исклучително значење, изјави маестра Ѓурѓица Дашиќ, уметнички раководител и диригент на „Профундис“.

Ова е следен во низата на концертни спектакли на камерниот оркестар „Профундис“, откако минатата година ја одбележа настапот на светски познатата виолинистка Ирина Мурезану која ја наполни концертната сала на Националната филхармонија.