Слаткаристика одржа концерт за паметење на стадионот „Билјанини извори“ во Охрид, каде илјадници посетители заедно со него ги пееја неговите најголеми хитови. Вечерта беше исполнета со силни емоции, музички изненадувања и моменти кои публиката долго ќе ги памети.

Еден од највпечатливите моменти беше кога Слаткаристика на сцената го повика својот шестгодишен син Моша. „Овој човек го сакам најмногу на светот“, рече раперот, по што заедно ја изведоа песната „Насмевка“, која тој ја напиша и му ја посвети токму нему за роденден. Публиката ги поздрави со долг аплауз, а многумина овој настап го оценија како најемотивниот дел од концертот.
Посебна атмосфера владееше и за време на музичката почит што Слаткаристика им ја оддаде на македонските музички имиња кои оставија длабока трага на сцената. Целиот стадион ги пееше стиховите од песните на ДНК, Влатко Илиевски, Тоше Проески и Владо Јаневски, создавајќи еден од најтрогателните моменти на вечерта.
Големо изненадување за публиката беше и појавувањето на младата пејачка Ана Стојаноска, која годинава ќе ја претставува Македонија на Детската Евровизија во Малта. Слаткаристика ја забележа во првите редови и ја покани на сцената, посакувајќи ѝ успех на претстојниот настап.

„Ова е голема ексклузива. Ана за првпат ќе пее на голема сцена во Македонија, пред да настапи на светската сцена во Малта. Да ни донесеш победа оттаму“, ѝ порача Слаткаристика пред илјадниците посетители.
Ана заедно со публиката го испеа хитот „Сара“, му се заблагодари за поканата и рече дека е негов голем обожавател. Нејзиниот настап беше поздравен со силен аплауз, а многумина коментираа дека Слаткаристика уште еднаш покажал поддршка за младите музички таленти.
Концертот понуди повеќе изненадувања и специјални гости. На сцената му се придружија Дупер, Калиопи, Тони Зен и Некст Тајм, а секое нивно појавување беше проследено со силен аплауз од публиката.