Концерт на Злата Тошевска и Маја Божиновска вечер во КИЦ

 

Во Културно информативниот центар во Скопје вечер ќе се одржи концерт на Злата Тошевска – сопран и Маја Божиновска – пијано.

На програмата се делата на Ј. С. Бах, Г. Ф. Хендел, К. В. Глук, Ј. Брамс, Г. Малер, Р. Штраус и Т. Зографски.

Злата Тошевска во 2017 година магистрира на отсекот по оперско пеење на Академијата за Музичка, Танцова и Ликовна Уметност во Пловдив во Бугарија во класата на м-р Лилија Илиева. Својот талент, техника на пеење и актерска игра ги усовршува со учество на над 13 мастеркласи и летни академии во: Македонија, Италија, САД, Австрија, Црна Гора, Бугарија, Косово. Соработува со светски познати оперски уметници и професори.

Во 2019 година таа е наградена со највисоката стипендија „Emerging Artist” од Premiere Opera Vocal Arts Institute, каде учествува на четири неделна академија по оперско пеење и актерство во Трани во Италија, каде работи со светски познатиот сопран Барбара Фритоли, вокалниот педагог на подмладокот на „Метрополитен“: Мајкл Пол, вокалниот педагог на Елина Гаранча: Дејл Фандлинг и диригентот од „Ла Скала“: Бруно Николи.

Настапува на еминентни гала оперски концерти и значајни манифестации каде соработува со афирмирани диригенти како: Саша Николовски Ѓумар, Бисера Чадловска, Иван Еминовиќ, Борјан Цанев, Џанлука Мартиненги, Бруно Николи, Крис Росман, Енрико Довико.Таа е солист во Националната Опера и Балет каде има остварено многубројни улоги. Во својот репертоар ги вбројува главните рољи: Дона Елвира „Дон Џовани“, Лиу -„Турандот“, Микаела и споредни Мерцедес „Кармен“, Берта „Севилски Бербер“, Првата и Втората Дама „Волшебна флејта“, Анина „Травијата“, Џована „Риголето“, Кејт Пинкертон „Мадам Батерфлај“, Бабата „Црвенкапа“.Во својот репертоар ги вбројува и рољите Јенте и Фрума Сара од мјузиклот „Свирач на Покрив“ и Луси од операта „Телефон“ на Меноти. Тошевска е активна и на концертната сцена.

Пијанистката Маја Божиновска е уметник која својата кариера ја гради со висок професионализам преку настапи на домашни и странски музички подиуми. Дипломира на ФМУ – Скопје во класата на проф. м-р Тодор Светиев, а во 2015 година е избрана за активен студент на мастеркласите по пијано раководени од пијанистката Лилја Зилберштајн во реномираната Academia musicale Chigiana во Сиена- Италија, каде реализира и свој настап на летниот музички фестивал Chigiana International music festival- Il Classico Inatteso – Siena.

Од 2015 година работи како наставник во Државното музичко училиште во Битола, каде со своите ученици остварува значајни резултати.