Концерт на Раде Шербеџија во Скопје и промоција на неговата книга „По дождот“

Сестраниот уметник Раде Шербеџија синоќа го одржа концертот – музичко-сценски проект „Ти би хтјела пјесмом да ти кажем“, придружен од неговиот четиричлен бенд од Загреб „Западни колодвор“. Познатиот актер, поет, музичар и режисер од сцената во Филхармонија пееше, рецитираше поезија, кажа и анегдоти за својот „емигрантски“ живот во Лондон.

Публиката ги слушна „Не дај се Инес“ и уште неколку напишани од неговиот долгогодишен соработник Арсен Дедиќ, како „Дјевојка из мога краја“, „Панонске трешње“, „Твоје њежне године“… Во нов аранжман ги испеа „Мени се душо од тебе не растаје“ на Џони Штулиќ, римејк на „Остала си увијек иста“ од Мишо Ковач, поезија од неговата збирка „Пријатељ га каже више не познаје“, антологиската „Чекај ме“ од Константин Симонов, а во негов боемски стил, со чаша вино, ги говореше и стиховите на Дис: „Не марим да пијем, ал’ сам пијан често“.

Со актерката Јана Стојановска и во музичка изведба на Гаро и браќата Тавитјан ја исепа „Кад умре љубав, музика нек свира“, која денеска заедно и ќе ја снимат во студиото на Тавитјан и ќе биде на неговиот нов албум кој ќе излезе наесен.

Таа песна, рече, ја напишал заедно со Кемал Монтено во 1992 за првиот албум. Плочата не успеале да ја промовираат зашто токму тогаш почнала војната во Сараево и таа изгорела сосе сараевски „Дискотон“. Со Монтено ја пееле на концерти, но никогаш повторно не била снимена.

Двочасовнот концерт што го организираше Авалон-продукција го почна со „Имам пјесму за тебе“, а го заврши со „Елено ќерко, Елено“ која ја сними пред неколку години за проектот на Тавитјан „Македонското срце чука во 7/8“.

Ѕвездата на југословенскиот филм во Скопје беше и во декември по повод 25 години од филмот на Милчо Манчевски „Пред дождот“, во кој ја игра главната улога. Поканата за филм ја добил додека живеел во Лондон и значела ново поглавје во неговата богата, а во тоа време неизвесна филмска кариера, а успехот на овој филм му отвори холивудска перспектива.

Шербеџија пред три години ја објави книгата „Послије кише“, која во превод на македонски јазик ја издаде „Три“ и ќе ја промовира вечер од 19 часот во Клуб-ресторан МКЦ во присуство на авторот.

Ја опишува славата, но и осаменоста низ призмата на релациите меѓу себе и семејството, но и со холивудската немилосрдност. Во „По дождот“, посочува „Три“, тој ни нуди токму таков амбиент – сонце што огрева откако сите облаци ќе се расчистат.

– Главната тема што се провлекува како нишка низ испреплетените парчиња текст е чувството на вечен егзил, патување во кое не постојат други граници освен реалните… Да се одглуми најтешката улога – помирувањето со себеси, како странец во друга земја. Како култна икона на југословенскиот простор, овој заводлив и контроверзен актер и раскажувач ја создава својата книга на животот со леснотија опишувајќи ја најтивката и најгласна борба на вечното патување, на чувството дека животот се прелева низ границите за кои не постојат пасоши… Секогаш неодреден, секогаш надвор од метежот, а внатре во себеси – Раде не е обичен раскажувач, тој е интимен сопатник низ поглавјата што ги ткае во својата приказна, наведува „Три“ во освртот за книгата која вечер ќе ја промовира писателот и колумнист Венко Андоновски.