
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски утрово во објава на Фејсбук ги покани граѓаните во среда, со почеток во 19 часот, во Националниот археолошки музеј, на концерт на класична музика во изведба на Трио Аперто.
„Заедно ќе уживаме во внимателно одбрана програма со дела од Шостакович, Форе, Цанев, Дворжак, Светиев, Шнитке и други композитори, во изведба на врвните македонски уметници Марина Трајковска, Момчило Куфојанакис и Весна Ангелова Христов“, посочи Герасимовски, притоа додавајќи дека влезот е слободен.
Воедно, градоначалникот истакна дека Општина Центар продолжува да ја поддржува македонската културна сцена и дека овој концерт е дел од нивната програма за 2026 година, со која одбележуваат и 50 години локална самоуправа.
„Ве очекуваме да бидете дел од оваа прекрасна музичка вечер исполнета со емоции, виртуозност и врвни музички изведби“, порача Герасимовски.