Концерт на камерниот оркестар „Солисти на ФМУ“

Камерниот оркестар „Солисти на ФМУ“ под диригентско водство на Борјан Цанев вечер ќе одржи концерт во зградата на Филхармонијата.

На програмата се дела од Моцарт, Блох, Пјацола, Вилијамс (оркестрација Борјан Цанев), Елгар и Бритн. Како солисти ќе настапат студентите Илза Бафтијари – виола и виолинистите Ени Вучидолова, Андреј Ѓорѓевски, Диана Мирчевска и Марија Јанчулеска.

Камерниот оркестар „Солисти на ФМУ“ е основан во 1999 година на иницијатива на проф. Велко Тодевски, а сега со овој ансамбл раководи Борјан Цанев. Составен од избрани студенти на гудачкиот оддел на Факултетот за музичка уметност во Скопје, oд своето основање до денес оркестарот редовно остварува бројни успешни настапи во рамки на редовните активности на факултетот, на фестивалите „Скопско лето“, „Денови на македонска музика“, „Нишки музички свечености“. Меѓу реализираните концерти на овој ансамбл се и концертот на затворањето на „Интерфест – Битола“ 2012 под диригентство на проф. Велко Тодевски и со виолинистот од Франција, Франсис Дироа, како и концертот со виолончелистот и диригент Марк Копеј во 2013 година.

Репертоарот на овој ансамбл се состои од дела од сите музички епохи, од кои голем дел се и премиерни изведби на дела од македонски современи композитори. Влезот на концертот е слободен.