Во рамките на одбележувањето на 20 години од постоењето на фестивалот „Таксират“ концерт во Скопје ќе одржи уште една музичка светска атракција. Греми лауреатите „Inner Circle“ (Инер сркл) ќе настапат на 29. јуни на платото пред Младиснкиот културен центар (МКЦ) во рамките на нивната светска турнеја.

„Ова е единствена прилика да се види во живо култната реге-поп атракција и непосредно да се вкусат нивните хитови: „Sweat“, „Bad Boys“, „Rock with You“, „Games People Play“, „Young, Wild & Free“, „Tenement Yard“ и други. Концертот ќе се одржува со бесплатен влез, а за присуство посетителите само треба да донесат едно пластично или стаклено шише бидејќи во оваа роденденска прослава ни се придружува и „Пакомак“ долгогодишниот еколошкиот партнер со кој „Таксират“ редовно се залага добрите еколошки навики да станат дел од музичките збиднувања“, се вели во соопштението.

Реге иконите годинава го одбележуваат нивното 50-годишно творештво со промоција на документарен филм, книга и албум под наслов „A Long Road to Success“. Квинтетoт од Јамајка е еден од најголемите светски реге бендови чиј успех кулминираше кон средината на седумдесеттите. „Inner Circle“ се, пред сè, заслужни за креирање специфичен стил на поп-ориентиран јамајкански ритам и енергија што ги етаблираше во водечки ѕвезди на ова движење.

Редовно настапуваат на најголемите светски фестивали, како хедлајнери, заедно со бројни музички гиганти како: Зиги Марли, Лорен Хил, Елтон Џон, Ван Морисон, Џими Пејџ, Роберт Плант, Карлос Сантана и многу други.

Предводен од основачите, браќата Роџер и Јан Луис, бендот го издржа тестот на времето континуирано иновирајќи го своето творештво и соработувајќи со растечките ѕвезди на светската музичка сцена. Питбул, Ченс д Рапер, Фло Рида, Рик Рос и ДЈ Калед се само некои од поп-ѕвездите со кои тие соработуваа во последниве неколку години.