Концерт на хорови, вокални групи и оркестри во “Сити мол” (ФОТО)

Вчера, во рамки на активностите за одбележување на 13 Ноември, Денот на ослободување на Скопје, во трговскиот центар “Сити мол” се одржа концерт на хоровите, вокалните групи и оркестри на повеќе средни училишта на Град Скопје.

Настанот за отворен го прогласи градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.

- Би сакал да ви го честитам 13 Ноември, Денот на ослободување на Скопје. На хоровите од средните училишта сакам да им посакам убав настан и многу успеси во иднината, а на менаџментот на трговскиот центар “Сити мол” да им се заблагодарам за можноста на нашите музички таленти од средните училишта да се претстават, кажа Трајановски.

Поради одличната досегашна соработка и учеството во прославата за 13 Ноември, трговскиот центар “Сити мол” на градоначалникот Трајановски му доделија благодарница.

На ревијалниот концерт со наслов ”И средношколците за Скопје” свој настап имаше Градскиот дувачки оркестар, хорот на Златно славејче со песната „Скопје радост ти ќе бидеш“ и хоровите на средните училишта на Град Скопје: Кочо Рацин, Никола Карев, Георги Димитров, Марија Скодовска –Кири, Здравко Цветковски, Браќа Миладиновци, Панче Караѓозов и Васил Антевски-Дрен.