Концерт „Музичко патување“ во Филхармонија

 Концерт насловен „Музичко патување“ ќе се одржи вечер во Филхармонија. На програмата е концертот за кларинет и виола оп.88 од Брух и Симфонијата бр.4 –„Италијанска“ од Менделсон. Солисти се Здравко Ангелов (кларинет) и Илза Бафтиари (виола), а диригент е маестро Конрад ван Алфен од Холандија.

Макс Брух (1838 – 1920) е познат по неговите опери, три симфонии, три виолински концерти, како и хорска музика. Неговиот музички јазик е инспириран од германската романтична традиција и е сосема спротивен на т.н. нова музика која ја создаваа Лист, Вагнер и Малер. До крајот на својата музичка кариера Брух го „бранел“ својот романтичен концепт и водел контроверзни дискусии со композитори како што се Вангер и Лист, а посебно жестоки расправии имал со Штраус, кој ја забранил неговата музика во Германија во почетокот на 1940-тите години.

Концертот за виола и кларинет го напишал за својот син Макс Феликс Брух, кој бил многу талентиран кларинетист. Има три става во кои се испреплетуваат виртуозноста и експресивниот контекст на креирањето музика. Концертот е како своевидна рапсодија обоена со слатка меланхолија и носталгија.

Менделсон живеел во време кога голем број филозофи сметале дека климата влијае на човечкиот карактер, јазикот, културата. Затоа воопшто не зачудува фактот што критичарите веднаш по премиерата„Италијанската симфонија“ ја доживеале како „топла и јужњачка“. Во Симфонијата бр.4, Менделсон успеал да креиера совршена симфониска драма инспирирана од пејзажите на Италија, од нејзината култура и начинот на живеење, информираат од Филхармонија.