Концерт „Грув“ на камерниот оркестар „Профундис“ и солистот Драган Ѓорѓевиќ-Сузуки

Во Националната опера и балет вечер од 20 часот ќе настапи македонскиот камерен оркестар „Профундис“  со концерт  „GROOVE“ (ГРУВ) најавен како спектакл со досега невидени сценски визуелни ефекти во форма на 3Д-мапинг и уникатна програма.

-Уникатноста на овој концерт е во спојот на музиката и визуелното волшепство, па така искуството на присутните ќе биде збогатено со специјално креирани 3Д визуелни ефекти од единствениот Милчо Узунов кои со технологијата на 3Д-мапинг во целост ќе ја оживеат сцената на Националната опера и балет и ќе бидат уникатно доживување кое првпат ќе се случува во нашата земја на концерти од класичната музика, соопштија организаторите. 

Со музичарите од камерниот состав „Профундис“ како солист ќе настапи виолончелистот Драган Ѓорѓевиќ-Сузуки под диригентската палка на Ѓурѓица Дашиќ. Најавена е програма со четири праизведби од класика, преку фолклор до рокенрол.

-Ексклузивноста на програмата преку делата на Џими Хендрикс, Палп Фикшн - Мизерлоу, Валтон, Шостакович, Офенбах, Попер и Сарасате ќе ја збогати и делото на македонскиот композитор Дарко Илиевски – „Motus folklorikus“, напишано специјално за овој настан и посветено на камерниот оркестар „Профундис“, најавуваат организаторите.

Ѓурѓица Дашиќ, уметнички раководител и диригент на „Профундис“, вели дека програмата концептуално е составена од избрани композиции коишто во фузија со 3Д-мапингот ќе предизвикаат „напад“ на сите сетила кај публиката.

-Овој концерт е доказ дека креативноста не познава граници и ќе биде навистина неверојатно мултимедијално доживување кое се случува еднаш, но останува засекогаш, истакнува Дашиќ.