Комуналните редари и инспектори на Град Скопје се опремени со ГПС за да може да се следат што работат и каде се во моментов

Комуналните редари и инспектори на Град Скопје се опремени со ГПС за да може да се следат што работат и каде се во моментов, информираше скопскиот градоначалник Петре Шилегов, одговорајќи на советнички прашања за мерките што се преземаат против загадувањето на воздухот во градот.

Оваа мерка, според градоначалникот, наишла на отпор кај инспекторите кои досега биле навикнати на поинаков начин на работа.

– Сите редари и инспектори се опремени со ГПС, бидејќи досега овие вработени поради теренската работа, ќе дојдеа, ќе се регистрираат и после никој не знае кај се, дали седат на кафе низ Дебар Маало или си бркаат приватни работи, истакна Шилегов.

На прашањето на советникот на СДСМ, Бранко Георгиевски, кој праша кои се мерките што се преземаат против аерозагадувањето, Шилегов одговори дека токму зголеменото присуство на инспекторите на терен е една од нив.

-Во септември 2018 направени се 190 контроли на терен, направени се 132 записници, изречени 132 мандатни казни, 31 барање до извршител за наплата и се ангажирани 93 граѓани за општокорисна работа. Во октомври, пак, се направени 137 записници и изречени 137 казни, 140 извршувања, 113 лица се ангажирани во општокорисна работа и се изречени 220 опомени, информираше градоначалникот.

Шилегов додаде и дека во октомври е направена инспекција на 50 градилишта низ градот и се исконтролирани фирми со Б еколошка дозвола.
Освен инспекциски надзор, градоначалникот посочи и дека со Градското енергетско претпријатие кое ќе се занимава со гасификацијата и со топловодната мрежа, исто така ќе се подобри квалитетот на воздухот. Градот доколку управува со овие два системи, вели Шилегов, ќе може да понуди и социјални пакети.

Во моментов Шилегов посочи и дека се одвива набавката на еколошките автобуси на гас. Околу 53. 000 домаќинства се грејат на дрва и во иднина, како што најави градоначалникот, чистењето на оџаци ќе биде задолжително, бидејќи чистиот оџак до 30% обезбедува подобро согорување на штетните материи