Комуналните работници го „светнаа“ плоштадот по новогодишната прослава, градоначалникот им порача: „Скопје ви благодари“

По завршувањето на новогодишната прослава на Плоштадот „Македонија“, комуналните служби на Град Скопје веднаш пристапија кон расчистување на просторот, враќајќи го центарот на градот во уредна и чиста состојба уште во раните утрински часови.

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, преку објава на социјалните мрежи им оддаде јавно признание на комуналните работници, истакнувајќи ја нивната посветеност и труд, особено по големи настани како новогодишната ноќ.

„Не смееме да ги заборавиме најтивките херои – луѓето кои веднаш по прославата го исчистија плоштадот и се погрижија градот повторно да изгледа достоинствено. Тие можеби се скромни, но секојдневно даваат сè од себе за Скопје да биде чист и уреден“, порача градоначалникот.

Тој нагласи дека токму ваквите примери заслужуваат почит и поддршка, додавајќи дека ќе продолжи да стои зад нивната работа и да ја вреднува нивната посветеност.

„Скопје им благодари“, порача Ѓорѓиевски, потенцирајќи дека без нивниот ангажман, ваквите масовни настани не би можеле да завршат успешно.