Комуналните инспектори во Општина Аеродром ќе ги ловат загадувачите во две смени

Kомуналните инспектори на Општина Аеродром од утре ќе работат во две смени. Тие ќе бидат достапни секој ден од 8:30 до 22:30 часот, вклучувајќи ги и викендите, на телефонскиот број 075 316 515.

За потребите на оваа акција ќе биде ангажирана целата инспекциска служба, кој се состои од 8 комунални инспектори и 4 комунални редари, наведуваат од Општина Аеродром.

„Оваа одлука е со цел успешна реализација на проектот „Пријави загадувач“, која е дел од заложбите на локалната самоуправа за почист воздух. По барање на граѓаните и препознавајќи ја потребата за поголема ефикасност на инспекциските служби, Општина Аеродром смета дека е неопходно да се воведе дежурна смена на инспекторите“, велат од Општината.

Целта на акцијата „Пријави загадувач“, како што наведуваат, е што побрзо да се детектираат и соодветно да се регулираат загадувачите на територијата на Општина Аеродром. Во рамките на истата Општината организира редовни акции за мерење на квалитетот на амбиенталниот воздух и контрола на стационарните извори на територијата на општината.

Од Општина Аеродром велат дека ги охрабруваат граѓаните да земат активно учество и редовно да ги пријавуваат загадувачи до општинските инспекциски служби.