Комуналните инспектори на терен: Еден тон гуми запленети кај дивата депонија во Варадариште

Еден тон стари и уништени гуми кои се наоѓале во дворовите кај граѓаните, како отпад кој досега беше пален на отворена површина, заплениле комунални инспектори при увид на дивата депонија во Вардариште.

-Откако депонијата во Вардариште беше мапирана како една од критичните точки за загадување на воздухот, комуналните инспектори на општина Гази Баба, заедно со Инспекторатот на град Скопје, Јавното комунално претпријатие Гази Баба 2007 и МВР, денеска извршија увид на дивата депонија во Вардариште. При увидот, извршена е заплена на 1 тон стари и уништени гуми кои се наоѓале во дворовите кај граѓаните, отпад кој досега беше пален на отворена површина, со што значително се загадуваше животната средина, информираат од општина Гази баба.

Со оваа акција, како што соопштуваат од Гази Баба, општината заедно со инспекторатот на градот Скопје ја започнува битката со палењето на огнови на отворени површини, особено на дивите депонии, од кои се шири непријатна миризба и кои енормно го загадуваат воздухот.

– Ги повикуваме сите граѓани на бројот 193 да пријават палење на огнови или опожарување на јавни површини за да можат институциите навремено да реагираат, се вели во соопштението.

Од општина гази Баба потенцираат дека самостојно или заедно со релевантните институции и во наредниот период ќе работат на лоцирање на загадувачите на животната средина во општината, а за прекршителите, ќе следуваат соодветни казни.