Комуналната култура ни завршува околу контејнерите - Скопје тоне во ѓубре

Граѓани на општината Гази Баба се жалат на голем број проблеми, со кои се соочуваат секојдневно, а особено комунални.

Неодамна излегоа на протест за почист воздух, насловен „Гази Баба сака да дише“, а постојано се жалат и на расфрлано ѓубре, диви депонии, кучиња скитници, паркирање на јавни површини.

Родителите се особено исплашени од присуството на кучиња скитници во училишниот двор на ОУ „Глигор Прличев“. За нехигиената во населбите тамошни жители ги обвинуваат несовесните граѓани, а секако и надлежните, од кои бараат решенија за низата проблеми што секојдневно го отежнуваат нивното живеење.

Велат дека најмногу ги измачува нечистиот воздух, кој особено се чувствува во вечерните часови, а од надлежните во општината бараат засилени инспекциски контроли, откривање на индустриските загадувачи, како и на оние што со горење разни материјали го загадуваат воздухот.

Жители на Автокоманда во делот на кулите спроти основното училиште „Стив Наумов“ се жалат на несовесни сограѓани, кои, наместо во подземните контејнери, ѓубрето го оставаат покрај нив, а потоа животни, мачки и кучиња, го растураат пред нивните станбени згради. На ѓубре и депонии се жалат и жители од Маџари, а оние, пак, од Ченто имаат поплаки и на дивите продавачи, но и на ѓубрето што тие го оставаат зад себе по завршувањето на продажбата. Слични поплаки има и за т.н. „див кванташки пазар, кај салонот на „Волво“. Токму затоа бараат позачестени инспекциски контроли и санкции за сите оние што го нарушуваат Законот за јавна чистота и ја загадуваат животната околина. За сите свои проблеми и маки жители на општината Гази Баба се жалат и на социјалните мрежи, а на својата страница „Ѕид на општина Гази Баба“ постојано поставуваат и фотографии, кои ги потврдуваат низата комунални проблеми.

За нив тие дискутираат, пишуваат коментари, но и бараат помош од општината, да се вклучат надлежните што поскоро во нивното решавање. Со фотографии е документирано и паркирање во парк-шумата Гази Баба, близу новите згради што се градат.

– Само да известам, ЈКП „Гази Баба 2007“ денес дојде со механизација и ги собра планините ѓубре. Иако задоцнето, работава е комплетно завршена. Од име на сите железарци, ги замолувам во наредниот период да бидат наша логистика во малку покомплексна акција, овој пат за чистење на „шумата“, која е преполна со градежен шут. Не застануваме тука, ова е само почеток во борбата против ѓубрето – пишува на една своја објава Игор Тасевски, жител од населбата Железара.
Неговата сограѓанка Хајди Штерјова Симовиќ пишува дека иста ситуација има и кај амбулантата „Житиште“ во Ченто, каде што имало фрлено телевизори и слични работи, маскирани со гранки, каде што, откако се исушиле лисјата, сега се гледа ѓубриштето. Таа вели дека без неселективно казнување нема да има промени и додава дека е потребно превоспитување на луѓето, едукација на децата во училиштата, а на возрасните со казни и кампањи.

Надлежните од општината Гази Баба кажуваат дека постојано водат сметка за чистотата на својата територија, не само кога тоа е актуализирано од страна на граѓаните или медиумите.

– Имаме свое јавно комунално претпријатие „Гази Баба 2007“, кое од 20 го зголеми бројот на 80 вработени, за навремено да се одржува хигиената во сите делови на општината. Вработените се на терен со сите расположливи ресурси, но честопати се соочуваат со проблеми, поради тоа што граѓаните многу често ѓубрето не го фрлаат на соодветните места, туку несовесно го оставаат каде што ќе стигнат. Токму затоа, екипите на ЈКП не можат да постигнат да ја исчистат средината навреме. Создавањето диви депонии надвор од контејнерите и кантите им одзема дополнително време од предвиденото. За да им се излезе во пресрет на граѓаните, ЈКП 2007 досега спроведе неколку акции за чистење јавни површини, постави контејнери за кабаст отпад на повеќе локации, канти за отпад и урбана опрема секаде каде што имаше потреба, а старите и искршени реквизити на детските игралишта ги заменивме со нови – објаснуваат од општината Гази Баба.

Оттаму упатуваат апел граѓаните да не ја префрлаат вината за својата неодговорност на институциите, туку да бидат совесни и да го фрлаат ѓубрето онаму каде што му е место, наместо по зелени површини или околу контејнери. Со тоа, велат со здружени сили, општината, јавното комунално претпријатие и граѓаните, можат да ја одржуваат чистотата во општината