ЈП Комунална хигиена-Скопје со остра реакција кон градоначалникот на Кисела Вода откако ова јавно претпријатије беше казнето со прекршочна приајва од страна на општината. Од Комунална хигиена велат инспекциските служби во општината не ги казнуваат прекршителите на Законот за јавна чистота што секојдневно ја загадуваат животната средина.
„Комуналниот отпад во општината Кисела Вода се собира и транспортира континуирано и секојдневно - без никаков застој, според динамиката утврдена со Оперативната програма за собирање и транспортирање на комунален отпад од подрачјето на градот Скопје. Во текот на месец јуни 2024 година, на територијата на општината се подигнати и транспортирани приближно 1400 тони комунален отпад. Исто така, во општината Кисела Вода континуирано се реализираат и рачно и машинско метење, како и машинско миење на булеварите и улиците со употреба на автоцистерни. Понатаму, во текот на минатиот месец, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје подигнаа и вкупно 100 кубни метри отпад од голем број диви депонии, лоцирани на улиците Христо Татарчев, Боте Боцески, Дичо Петров, Ѓорѓи Димитров и добро познатата локација кај Томи маркет што претставува „црна точка“ каде што се интервенира најмалку еднаш неделно за отстранување непрописно одложен отпад од јавните и сообраќајните површини“ се вели во соопштението на „Комунална хигиена“
Од таму додаваат дека општината треба веднаш да пристапи со инспекциски надзор кон поединци кои во последните неколку месеци тенденциозно се занимаваат со непрописно одлагање отпад и загадување на животната средина, со цел да ги доведат во прашање компетентноста и ангажираноста на екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје.