ЈП Комунална хигиена-Скопје информираше дека во текот на вчерашната ноќ нивни екипи отстраниле две обемни депонии лоцирани во скопската општина Чаир. Активностите се одвивале на улицата Џон Кенеди, во непосредна близина на ООУ „Васил Главинов“ како и на улицата Лазар Трповски“.
„Во рамките на акцијата беа подигнати и транспортирани вкупно 40 кубни метри претежно кабаст и мешан комунален отпад одложени на јавни и сообраќајни површини. Во текот на 2024 година, ЈП Комунална хигиена-Скопје во оваа скопска општина отстрани вкупно 2970 кубни метри отпад од диви депонии, што е најголемо количество во однос на сите останати скопски општини. Само во текот на месецот јануари 2025 година, се подигнати и транспортирани 205 кубни метри отпад од диви депонии во општината Чаир“, соопшти Комунална хигиена-Скопје.