Комунална хигиена најави акција за миење на контејнерите за ѓубре низ Скопје

Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ најави дека дека започнува акција за миење на контејнерите за отпад и локациите каде тие се поставени.

Оваа акција ќе опфати детално чистење на контејнерите, како и на околното подрачје, со цел да се задржи високо ниво на хигиена и да се подобри изгледот на јавните површини. Покрај тоа, екипите на ЈП „Комунална хигиена“ вршат и активност за рачно и машинско миење на улиците и булеварите низ сите општини на градот. Овие активности ќе се реализираат со помош на специјализирани автоцистерни, кои ќе се користат за ефикасно чистење на асфалтот и останатите јавни површини. Акцијата ќе се спроведува етапно и редоследно, со цел да се постигне максимална покриеност и квалитет на изведување на работите – информираат од претпријатието.

Оттаму нагласуваат дека сите активности за одржување на хигиената на јавните површини се спроведуват согласно Оперативниот план за одржување на јавната чистота на град Скопје, со цел да се обезбеди чиста и уредна средина и да се подобри квалитетот на живот на граѓаните.