„Kомунална хигиена“ го презема чистењето и собирањето ѓубре во Сарај и Матка

Градоначалникот Шилегов и директорот на ЈП „Комунална хигиена“, Абдусамед Шабани, денеска присуствуваа на акција за чистење на комуналниот отпад во општина Сарај.

- Од 1-ви октомври градското претпријатие Комунална хигиена ќе врши траспортирање и собирање на комуналниот отпад во општина Сарај и тоа во населените места: Сарај, Љубин, Кондово, Крушопек, Лока, Грчец, Шишево, Глумово, Долна Матка, Арнакија и Рашче. Целта е зголемување на нивото на чистотата и хигиената и во овој дел од градот - изјави Шилегов.

Со редовните активности на ЈП Комунална хигиена ќе бидат опфатени 18 000 м2 во повеќе населен и места во Сарај и Спортско- рекреативниот центар Матка.

Тој додаде дека  досега  се организирани акции за чистење на Скопје кои го опфаќаа и овој дел од градот, но сега чистењето на општина Сарај станува редовна активност на Комунална хигиена.  Со оваа активност значително ќе се подобри нивото на чистотата на Матка, едно од најважните туристички места во Скопје.

- Верувам во нашиот потенцијал и верувам  дека ќе успееме во нашите намери да обезбедиме услови за здрав живот на сите. Убеден сум дека прашањето за подобрување на  квалитетот на животната средина ќе биде минато бидејќи чистата и здравата животна средина ќе бидат наше секојдневие. Скопје е град за сите и затоа посветено работиме за доброто на сите – порача Шилегов.

Директорот на ЈП „Комунална хигиена“,  Абдусамед Шабани, на денешната акција нагласи дека нивна главна заложба како јавно претпријатие останува со редовните активности секојдневно да придонесувааат граѓаните на Скопје да  живеат во  почиста и поздрава животна околина.