ЈП Комунална хигиена - Скопје известува дека нивната Еко-патрола врачила 25 записници во период од 10 дена на граѓани и правни субјекти што го прекршиле Законот за јавна чистота, односно се затекнати како одлагаат отпад на јавни и сообраќајни површини во скопските општини Центар, Карпош, Гази Баба, Чаир, Аеродром и Кисела Вода.
„Најголем дел од активностите на Еко-патролата се одвиваа во општината Чаир, каде што се врачени 11 едукативно-информативни записници. ЈП Комунална хигиена-Скопје од почетокот на месецов спроведе и интервентни патролни дежурства на седум локации каде што е забележано континуирано непрописно одлагање отпад, од коишто три се реализирани во општината Чаир, две во општината Центар, додека во општините Карпош и Гази Баба е реализирано по едно интервентно дежурство на Еко-патролата“, се вели во соопштението на ЈП Комунална хигиена - Скопје.