Kомуналците денеска ќе ја чистат депонијата под прозорците на студентскиот дом „Пелагонија“

На фејсбук вчера се споделуваше фотографија направена од студентскиот дом „Пелагонија“ во Кисела Вода на која се гледа како под прозорците на домот е направена дива депонија. Ова го вклучи алармот па од ЈП „Комунална хигиена“ најавија дека денеска ќе ја исчистат енормната количина на насобран отпад во дворот на студентскиот дом.

– И покрај фактот дека чистењето на ваквите површини не спаѓа во ингеренциите на ЈП „Комунална хигиена“ , решивме да ги спроведеме овие активности, со цел да се спречи ширењето на зарази и да се заштити животната средина – велат од ЈП”Комунална хигиена”.

Чистењето ќе започне во 12,30 часот, а директорот на ЈП”Комунална хигиена”, Абдусамед Шабани и градоначалникот на општината Кисела Вода, Филип Темелковски, ќе им се обратат на граѓаните со апел за совесно постапување со отпадот и штетноста од создавањето на дивите депонии коишто директно ја загрозуваат животната околина и претставуваат закана за здравјето на граѓаните.