Комтрејд дистрибуција е домаќин на партнерски состанок во скопје

На 6 јуни, Комтрејд Дистрибуција (Comtrade Distribution) организираше состанок со своите партнери во земјата и во Косово. Настанот се одржа во хотелот DoubleTree by Hilton и вклучуваше панел-дискусија на тема „Дигитална трансформација“.

Голем број партнери, трговци и лидери од значајни компании од земјата и од Косово присуствуваа на настанот, кој вклучуваше и преглед на глобалните партнери на компанијата Комтрејд, нејзиното портфолио на технологии на Мајкрософт, како и планови за развој на нејзините производи и услуги на овие пазари.

„Дигиталната трансформација е многу повеќе од модерна фраза. Иднината на бизнисот лежи во усвојувањето и користењето на дигиталната технологија, при што „cloud“ услугите играат суштинска улога во овие активности. Бидејќи сме партнери со Мајкрософт, на нашите клиенти во нашата земја можеме да им понудиме целосно портфолио на „cloud“ услуги од Мајкрософт, со што ќе им помогнеме да ги преосмислат нивните бизнис-модели и да се приспособат на светот што брзо се менува“, рече Дејан Димов, генерален директор на Комтрејд Дистрибуција.

Овдешната стратегија на Комтрејд се фокусира на нудење поддршка на компаниите при модернизација на нивната инфраструктура, податочни центри и мрежи, како и имплементација на хибридни „cloud“ решенија, податоци и вештачка интелигенција врз основа на платформата на Мајкрософт наречена Microsoft Azure. Нашите проекти вклучуваат експанзија на дигиталните работни решенија на Мајкрософт и Microsoft Dynamics 365 CRM, водечко решение на пазарот што се заснова врз „cloud“ технологија.

„Мисијата на Мајкрософт е да им овозможи на секое лице и на секоја организација на планетата да постигнат повеќе. Нашите партнери имаат суштинска улога и ни помагаат да ја постигнеме оваа мисија. Дигиталната трансформација станува централна стратегија за модерните бизниси и налага нови вештини и вложувања, а притоа создава огромна можност за нашите партнери со напредни дигитални вештини. Партнерите што добро владеат со дигиталните технологии, трансформациските услуги и модерните деловни практики ќе бидат водачи на дигиталната економија“, рече Љупчо Георгиев, менаџер на Мајкрософт за Северна Македонија.

Тимот на ИТ-експерти на Комтрејд ќе обезбедува насоки за сите производи на Мајкрософт и ќе обезбедува поддршка за клиентите во сите фази од процесот на дигитална трансформација.

„Се стремиме да бидеме сигурен партнер за дигитална трансформација на целиот регион. Како член на групацијата Комтрејд, го пренесуваме искуството што сме го стекнале во рамките на големи проекти за некои од најголемите светски компании, како што се Citrix, Ryanair, HP и Skrill. Глобалните можности на Комтрејд, во комбинација со локалното искуство и инженерската стручност, ни овозможуваат да одговориме на сите потреби на локалните компании преку обезбедување трансформациски деловни и технолошки решенија, кои, секако, ја забрзуваат иновацијата. Со нетрпение очекуваме да придонесеме за развојот на деловната средина во државата и заеднички да ја преобликуваме иднината“, додаде Дејан Димов.

Групацијата Комтрејд е најголемата ИТ-организација во Југоисточна Европа, а на нашиот пазар е присутна од 2000 година преку нејзината компанија Комтрејд Дистрибуција. Во 2019 година, Комтрејд Дистрибуција го доби престижниот статус на партнер за лиценцирање решенија на Мајкрософт во нашата држава.

Како партнер за лиценцирање решенија на Мајкрософт, Комтрејд Дистрибуција нуди широка гама на производи засновани врз „cloud“ технологија и консултантски услуги за компаниите од приватниот и јавниот сектор во земјата. Исто така, покрај „cloud“ понудата на Мајкрософт, Комтрејд Дистрибуција на пазарот развива и пласира сопствени решенија „по мерка“, кои се засноваат врз технологијата на Мајкрософт. Меѓу другите, тука се вклучени следните: Comtrade Rapid License Optimization, Tesla Inspire, E-Session, SureStart CRM, OMSRMS.

Покрај Северна Македонија и Косово, Комтрејд има статус на партнер за лиценцирање решенија во Словенија, Србија, Босна и Херцеговина, Албанија и во Црна Гора. Компанијата, исто така, основаше регионален Центар за компетенции на Мајкрософт за Јадранскиот регион со цел да се промовираат најдобрите практики и со цел клиентите да се информираат на кој начин може најдобро да ги искористат „cloud“ решенијата на Мајкрософт.

Панел-дискусија за дигиталната трансформација

Дискусијата насловена „Дигитална трансформација – предизвици, чекори и резултати“ се одвиваше на панелот составен од експерти на Комтрејд, кои ги презентираа нивните искуства на темата.

Во рамките на панелот беа разгледани регионалните и глобалните трендови во технологијата, барањата и предизвиците на компаниите, начините на кои дигиталната технологија може да ја поддржи иновативноста, како и начинот на воспоставување ефикасна работна средина и создавање нови деловни можности.

Целта на дискусијата беше да се даде одговор на голем број актуелни прашања за деловната трансформација и за најдобрите практики за усвојување на „cloud“ технологијата, вклучувајќи и „како да се управува со ризиците во рамките на проекти за дигитална трансформација?“ и „како да се избере вистинското ’cloud‘ решение?“