Комшијата по цели денови реновира, ми направи штета и сега се крие

Комшијата над мене скоро три месеци си го реновира станот, па буши, чука и тропа по цел ден. Си велам: Ајде сега ќе заврши тормозењето, ама никако да му дојде крајот. Од толку работа почна да ми се шири пукнатина на таванската армирана бетонска плоча, вели Снеже од Кисела Вода.

Законот дозволува да се вршат преправки во станот, но тоа да бидат само козметички интервенции кои нема да ја нарушат статиката на станот над, под или до вас, а не да прават што сакаат во нивниот сопствен стан иако околните ѕидови, како и таванот и подот ги делат со нивните соседи.

– Во зградата сите станови имаат сопственици, но во нив повеќето не живеат постојано и лесно им е да викнат мајстори и тие да тормозат по цели денови додека не заврши реновирањето. Се обративме до полицијата да не заштити, но оттаму само ни рекоа дека согласно со Законот за домување, нашиот комшија има право да си работи во својот стан до 15 часот и толку. Не знаеме кој е сопственик на станот. Го кријат кираџиите, се крие и тој самиот. Нема ни куќен совет бидејќи во зградата активно живеат само две фамилии, додека другите станови се купени, но во нив не живее никој. Работава се влечка никако да се реши, вели Снеже.

Согласно Законот за домување, ако при користењето на својот дел од зградата сопственикот причинил штета на други делови од зградата што се во сопственост на други лица, тој е должен да ја надомести таа штета, односно да ги отстрани другите пречки кои се создаваат. Светлана В. која живи во висококатница во близина на Зелено пазарче ни посочи дека во нивниот случај бил почитуван Законот.

Додолку има штета направена при реновирање или поголеми интервенции во соседниот стан, тогаш оштетениот го известува претседателот на куќниот совет или управителот кој пак, го опоменуваат соседот кој реновира да ја поправи штетата. Ако тој одбие, ваквите случаи се процесуираат до надлежните судови, кои во последниве две-три години се многу експедитивни и брзо ги решаваат самоволијата на станарите. Мора да се почитуваат правилата на живеењето.

Според законските одредби, судот одлучува во вонпарничка постапка дали да се извршат поправки, како и за размерот во кој сопствениците ќе ги надмират трошоците

Според Законот за домување, користење на аудио и видеосистеми, како и вршење на градежно занатски работи кои го нарушуваат мирот во станбената зграда не е дозволено во период од 15 до 17 часот и од 22 до 8 часот.

– Во случај на недозволено вознемирување на станарите, тие може да се обратат до управителот или претседателот на Заедница на сопственици, а во случај на недозволено, а значително нарушување на мирот во станбената зграда, сопствениците имаат право да се обратат и до надлежната полициска станица со пријава за нарушување на јавниот ред и мир – е предвидено со Законот.
Законот за домување исто така предвидува: “секој станар треба да се однесува кон сопственоста како добар домаќин, не само кон својот стан, туку и кон оној кој го дели со соседите”, како и делот: “при стопанисување со сопственоста, мора да се внимава и на туѓата сопственост”.