Компаниите за мебел со години се борат со сивата економија

Повеќе од 20 години компаниите за мебел мака мачат со дивите производители. Велат дека никој не се ангажира за решавање на проблемот со сивата економија во оваа индустрија.

-Искрено кажано, премногу мал е процентот на компании во нашата дејност кои што можат да се пофалат со успешна работа. Меѓутоа, има еден факт кој што сме го дискутирале, дека ние како стопанственици сме апсолутно немоќни во решавањето на тој проблем, вели сопственик на компанија за мебел, Јорданчо Велков.

На пазарот на труд се повеќе се бараат дизајнери на мебел и ентериер.

-Професијата дизајнер станува се попосакувана професија. Посебно дизајнер на мебел станува популарна и исплатлива професија. Младите ја сакаат, ја одбираат. Е сега, треба да им се направи можност како таа да биде ценета во рамките на македонските компании, вели професорката Елена Никољски.

Сепак, кадрите кои излегуваат со ваква диплома на пазарот на труд се жалат дека платите во оваа индустрија се многу ниски, па се принудени да си одат од државата или да се преквалификуваат.

Од вчера до недела во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ се одржува Саем на мебел, каде што околу 70 компании ги изложуваат своите производи.