Компаниите возат на резерва

Антони Пешев од СКМ очекува компаниите да се соочат со проблеми на ликвидноста во мај. Седумдесет и еден процент од членките на Стопанската комора на Македонија и покрај проблемите со кои се соочуваат поради пандемијата предизвикана од ширењето на коронавирусот засега не најавуваат затворање на компаниите. Но, сепак пред сите компании стои проблемот со одржување на ликвидноста и проблемот со извозот на државата заради најавените прекини на голем дел од договорите.

- Сите наши согледувања говорат дека нашите членки во текот на мај има голема веројатност да се соочат со проблемот на ликвидност во кој свој удел може да има и Владата, заради најавените прекини на голем дел од договорите, извозот на државата се наоѓа во многу проблематична состојба, рече на прес-конференција Антони Пешев, претседавач на Собранието на Стопанската комора на Македонија

Стопанската комора на Македонија на истекот на вториот месец од воведувањето на вонредната состојба која настана заради пандемијата на Ковид-19, мора да констатира дека македонската економија веќе втор месец функционира во исклучително тешки околности, а се потпира на своите сопствени резерви, но и оти владините мерки и покрај најдобрата волја и намера на Владата се комплицирани и тешко достапни до значаен дел од фирмите.

- Мора да констатираме дека мерките се фокусирани доминантно на правата на работниците, за што имаме разбирање заради сензитивноста на положбата во која се најдоа најголемиот број граѓани, уплашени за своето здравје, за судбината на нивните работни места, за иднината на нивните семејства, имаме чувство дека во овој привид (кој падна доминантно на товар на компаниите) се е нормално во економијата, ги натера луѓето да мислат дека се ќе се врати во нормала за кратко време и оти се ќе биде исто за недела или две. Но, тоа не е така. На нашата држава и претстои потешкиот период на совладување на кризата и обновата на економските текови. Во тој период цениме дека државата мора да комуницира со својот економски дел кој е единствениот креатор на приходите во буџетот. Ако тој не функционира, нема ни шанса за нормален живот, потенцира Пешев.

Во април, во земјава се регистрирани 7.030 нови невработени, според евиденцијата на Агенцијата за вработување, што е идентично и со бројките во Косово. Во Србија, велат од Стопанската комора на Маедонија, од почетокот на кризата работата досега ја изгубиле околу 6.047 вработени, додека според податоците на Даночната управа на Албанија тој број изнесува 61.000 работници кои ја изгубиле работата како резултат на корона кризата.