Право на надомест на штетите што потрошувачите ги трпат поради намалена испорака или прекин на снабдувањето со струја.
Од Регулаторната комисија за енергетика информираат дека со новите законски измени секој потрошувач, домаќинство или фирма, има право да бара надомест, при што треба да наведе и проценка на својата штета. Обесштетување се предвидува и во случаи кога не се испорачува струја подолго од претходно најавеното преку јавните гласила.
“Ние ќе бараме кај операторите на електричнодистрибутивниот систем да има посебна служба што ќе работи на оваа проблематика. Доколку операторите не се согласуваат со барањето што го поднеле потрошувачите, тогаш има втор механизам. Тоа е комисија составена од еден претставник од потрошувачот, еден од операторот и еден претставник од вештаците од Комората на вештаци. Притоа, таа комисија ќе донесе одлука и ќе оцени колкаво треба да биде тоа обесштетување”, објаснува Марко Бислимовски, претседател на Регулаторна комисија за енергетика.
Истата постапка важи и за компаниите. Фирмите може да бараат надомест и за претрпени штети кај производството или ако нивните производи не се веќе во употреблива состојба, како последица на слабата или воопшто неиспорачаната струја. Дури и при исклучување од дистрибутивната мрежа, поради неплатени сметки, потрошувачите треба да се претходно известени.
“И кај нас и сега и со новите правила за снабдување кои што ги носиме, снабдувачот без разлика дали е на регулиранили на слободен пазар, во сметката што ја доставува на потрошувачот е должен да го извести дека има заостанат долг и дека поради тоа ќе биде исклучен. Инаку, за големите потрошувачи, кај кои што им зависи нивното производство од електричната енергија, операторот на системот и сега, а и со новите правила за снабдување, е должен да ги извести дирекно, преку електронска пошта, преку телефон или на кој било друг начин”, вели Бислиевски.
Законските измени стартуваат од почетокот на идната година, паралелно со либерализацијата на пазарот. Досега во земјава има околу 20 лиценцирани компании, а се очекува најмалку 7 од нив ќе бидат активни снабдувачи со електрична енергија.