Комора на приватно здравство: Да се објави повик за ангажирање лекари во новите КОВИД амбуланти

Комората на приватно здравство при Сојузот на стопански комори на Македонија, реагира на одлуката на Комисијата за заразни болести, матичните лекари да дежураат во новите ковид амбуланти.

Предлог на Комората е решение за состојбата да се изнајде во модел за соработка меѓу јавен правен субјект и приватен правен субјект кој ќе се заснова на договор за соработка.

-Матичните лекари се доктори вработени во приватни здравствени установи, а не во јавно здравство, поради што и нема правни можности да им се наметнуваат обврски, туку соработката треба да биде на договорен основ, регулирана со соодветен правен акт. Како доктори и управители на приватните здравствени установи тие имаат обврски кон своите матични пациенти и кон ПЗУ како правен субјект, што вклучува континуирана здравствена грижа за сите матични пациенти, а не само за оние болни од ковид 19, како и издавање на рецепти, боледувања и другата административна работа што не може да се одложува, велат од Комората.

Комората ја повикува Комисијата да објави оглас на кој ПЗУ-и од општа медицина кои имаат волја да дежураат во КОВИД амбулантите, ќе можат да се пријават, а соработката ќе биде регулирана со соодветен договор кој ќе биде склучен со здравствената установа и во кој ќе бидат наведени договорните обврски и услови за двете страни.

-Во таа насока во огласот, односно договорот, јасно треба да се дефинира платата, надоместокот кој ќе се добива за ангажманот во ковид амбулантата, по примерот на плаќање на дежурствата во јавните здравствени установи, кои се регулирани со Колективен договор и Закон за работни односи. Законите треба да се почитуваат и да важат еднакво за сите поради што и не треба да се доведуваме во ситуација цената на трудот  на лекарите од јавниот сектор да биде платена, додека од оние во приватниот сектор да се очекува да работат бесплатно, истакнува Комората.

Комората за приватно здравство оценува дека матичните лекари во текот на целата пандемија понесоа поголем дел од товарот, а при тоа не добија соодветна поддршка.

-Но, и покрај тоа, ставајќи ја грижата за пациентите на прво место поддржуваат креирање на соодветни решенија кои ќе го забрзаат движењето на пациентите низ системот и ќе придонесат за побрза дијагностика и соодветен и ефикасен третман, но тоа би требало да биде на начин на кој сите нешто ќе добијат и никој нема да трпи директна штета. Во однос на функционирањето на ковид амбулантите треба да се преиспитаат и дополнителни можности за ангажирање на лекарите од секундарното ниво на здравствена заштита, бидејќи според информациите кои ги објавува Комисијата за заштита од заразни заболувања во овој бран на ковид 19 нема зголемен број на пациенти со компликации кои бараат болничко лекување, што значи дека лекувањето се спроведува на примарно ниво односно кај матичните лекари, а оние од специјалистичките и болнички здравствени установи не се многу оптоварени, што би значело дека има можности за дополнително да се ангажираат, наведува Комората.

Комората на приватно здравство е деловна мрежа во која членуваат  приватните здравствени установи од сите сектори, општи лекари, стоматолози, аптеки и веледрогерии, различни медицински специјалистички ординации.