Вардар загуби со 0-2 од Шкендија во големото дерби на стартот од новата сезона, а по натпреварот стигна жестока реакција од најверните навивачи.

Комити преку својата официјална Facebook-страница објавија порака до фудбалерите и стручниот штаб, во која не го криеја разочарувањето од прикажаното на теренот.
„Порази имало и ќе има, а во минатото токму тие моменти не правеле посилни, затоа што јасно се гледала желбата и мотивот за да се победи на теренот, затоа што јасно се гледа како се гине кога се сака. Денес на Градски не видовме ништо, едно големо НИШТО од сето тоа кое треба да го краси Вардаровиот тим!“, порачаа Комити.
Во објавата се додава дека навивачите се бесни поради настапот на тимот и дека вакви изданија нема да бидат прифатени.
„Не сте свесни колку сме бесни, како и сите Вардарци и затоа веднаш на почеток да ви биде јасно дека вакви дебакли нема да се толерираат!“
Пораката завршува: „НИЕ СЕКОГАШ ЗА ТИМОТ, А ВИЕ ИЗГУБЕТЕ СЕ ВО ДИМОТ!“
По неуспешниот европски старт и поразот од Шкендија, Вардар сега се најде под сериозен притисок уште на почетокот на сезоната.