Комисијата препорача продолжување на рестриктивните мерки, Владата денеска ќе донесе одлука

Забраната и посебниот режим на движење на граѓаните во временски период од 20 часот до 5 часот наредниот ден, што беше воведена на 6 април завршува денеска.

Од Комисијата за заразни болести вчера информираа дека донеле препорака за продолжување на рестриктивните мерки во наредните седум дена.

Владата денеска на седница ќе ја разгледа препораката од Комисијата за заразни болести, а што ја разгледа и Кризниот штаб, за продолжување на рестриктивните мерки.

Главниот координативен кризен штаб на вчерашната седница ги разгледуваше предлозите пристигнати од Комисијата за заразни болести и врз основа на истите предлага на наредната седница на Владата, да се усвои одлука со која постојните мерки кои се со важност до 20 април (вторник), да продолжат да се применуваат до 27 април (вторник).

Во случај на потврдување на трендот на опаѓање, Главниот координативен кризен штаб, како што соопшти владината служба за информирање, ќе ја разгледа можноста за намалување на рестрикциите, исклучиво во случај на континуитет во падот на бројот на заразени и бројот на хоспитализирани лица и тоа конкретно за: во периодот од 27 април (вторник), заклучно со 15 мај (сабота), да се отворат угостителските објекти за работа во отворениот дел, забраната и посебниот режим на движење да почнува од 21 часот до 5 часот наредниот ден, да се дозволи организирање на спортски тренинзи во фитнес центри/клубови на отворен простор и други мерки во зависност од епидемиолошките текови и состојби во државата.

Во насока на сузбивање ковид-пандемијата, министерот за здравство Венко Филипче и поглаварите на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, архиепископот Охридски и Македонски, г.г. Стефан и поглаварот на Исламската верска заедница, Реисул Улема хаџи Шаќир ефенди Фетаи, вчера разговарале за актуелната состојба со Ковид-19 во земјава и за можните ризици од групирање за време на претстојните верски празници.

Филипче соопшти дека на средбата се согласите оти сите чинители треба активно да придонесат во битката со пандемијата и се договориле да ја интензивираат комуникацијата во следниот период.