Комисија за заразни болести: Новата недела ќе донесе нови ригорозни мерки и ограничување на движењето

Новата работна недела се очекува да донесе нови поригорозни мерки за справување со коронавирусот.  Големите бројки на заразени е причина Комисијата за заразни болести сериозно да размислува за заострување на мерките.  Се размислува за ограничување на работата на угостителските објекти, но и можни мерки за карантин и ограничување на движењето.

Ставот на комисијата е јасен, а тоа е дека треба да има сериозно заострување на мерките, но дилемата е дали тие острите ќе ја поминат владината процедура и ќе останат само на најава. Таков пример беше со идејата за ограничување на бројот на лицата кои во еден момент може да бидат во затворена просторија, односно домот. Имајќи ги предвид статистичките податоци, комисијата секогаш предлага издржани мерки, така ќе биде и овој пат,  ова за Скопје Инфо го брифира член на Комисијата за Заразни Болести.

Парцијалните решенија, односно воведување на рестриктивни мерки за одредени градови деновиве се разгледуваат на состаноците на ова високо државно тело. Од таму велат дека доколку се воведува ограничување на движењето голема е веројатноста тоа да се однесува само за градовите каде што има висока стапки на заразени од Covid 19.

Според последните информации кои вчера ги објави министерот за здравство Венко Филипче, Скопје и понатаму е на врвот по бројот на заразени. Само во последните 24 детектирани се 303 нови случаи.