Комеморација и книга на жалост за Есма Реџепова-Теодосиевска

Советот на Град Скопје денеска од 11 часот ќе одржи комеморативна седница за пејачката, текстописец, хуманитарка и советник во Град Скопје Есма Реџепова-Теодосиевска, која почина вчера по кратко и тешко боледување на 73-годишна возраст. Во салата на Советот ќе биде отворена и книга на жалост.

Есма Реџепова е родена во Скопје на 8 август 1943. Го носеше епитетот „кралица на ромската песна“, а нејзината богата и меѓународна музичка кариера  непрекинато траеше 55 години. Имаше репутација на светски уметник со повеќе од осум илјади концерти, настапи на над 15 јазици, издадени 60-ина албуми.

Во мај 2013 година Есма Реџепова-Теодосиевска ја претставуваше Република Македонија на Евровизија во Малме со поп-пејачот Влатко Лозановски-Лозано и песната „Пред да се раздени“. Во 58-годишната историја на евровизискиот натпревар првпат една композиција делумно беше испеана на ромски јазик.