Колосеумот во Рим осветлен во розово во знак на поддршка за борбата против ракот на дојка

Еден од најпрепознатливите симболи на Рим, Колосеумот, минатата недела беше осветлен во розово, во рамки на кампања посветена на превенцијата и раното откривање на ракот на дојка.

фото

Розовото осветлување го означи почетокот на седмото издание на националната кампања „La prevenzione è il nostro capolavoro“ („Превенцијата е нашето ремек-дело“), која ја организира Komen Italia во соработка со италијанското Министерство за култура, а годинава за првпат и со Министерството за здравство. 

фото

Церемонијата започна на 22 септември во 20 часот во Археолошкиот парк на Колосеумот, кај Храмот на Венера. На настанот присуствуваа италијанскиот министер за култура Алесандро Џули, министерот за здравство Орацио Скилачи и претседателката на Komen Italia, Алба Ди Леоне. Истовремено во розово беа осветлени и зградите на двете министерства. 

 

 

Зошто токму розова боја?

Кампањата е организирана во пресрет на октомври – Меѓународниот месец за подигнување на свеста за ракот на дојка. Целта е да се поттикнат жените да обрнат внимание на превенцијата, редовните прегледи и раното откривање на болеста.

Според податоците објавени од Komen Italia, во светот годишно се регистрираат околу 2,3 милиони нови случаи на рак на дојка, додека во Италија бројката е околу 56.000 нови дијагнози годишно. Организацијата наведува дека со примарна превенција, односно со здрави животни навики, би можело да се спречи околу една третина од случаите на рак кои се јавуваат глобално. 

Раното откривање има особено значење. Komen Italia наведува дека кога ракот на дојка се открива во рана фаза, процентите на излекување можат да надминат 90 отсто, иако конкретната прогноза зависи од видот и стадиумот на болеста и од индивидуалниот третман. 

Кампањата продолжува и во октомври

Овогодишната кампања нема да се задржи само на симболичното осветлување на Колосеумот. Според Komen Italia, програмата ќе трае 49 дена и ќе опфати активности во повеќе италијански градови.

Предвидени се шест еднонеделни превентивни активности во Милано/Бреша, Парма, Аквила, Салерно, Таранто и Реџо Калабрија, четири трки „Race for the Cure“ во Бреша, Матера, Неапол и Пескара, како и „Walk for the Cure“ во 96 градови. Големиот завршен настан е најавен за 9 ноември 2026 година во арената на Колосеумот. 

Кампањата посебно внимание посветува и на нееднаквиот пристап до превентивни прегледи. Организаторите укажуваат на разликите меѓу италијанските региони, особено меѓу северот и центарот од една страна и јужна Италија и островите од друга страна, како и на жените кои поради различни околности потешко пристапуваат до редовен скрининг.