Колку возрасните ќе го подготват детето за тргнување во прво одделение со толкава мера ќе ги прифати новите обврски

Први септември дојде, но првиот школски час годинава ќе започне неколку дена подоцна, односно од понеделник. Учениците се подготвуваат за едно ново поглавје, но како и секоја година така и оваа, во центарот на вниманието се првачињата. Родителите ги купуваат сите потребни школски прибори, но и се обидуваат да ги подготват своите деца да го надминат стресот кој ги очекува на првиот школски ден во новата средина.

Токму за таа цел, како полесно да се преброди првиот школски ден и како да се однесуваат родителите кон своите првачиња за да им го олеснат новиот почеток, разговаравме со психологот Биљана Никодиновска, која се обиде да ги пренесе најважните совети до родителите, иако како што самата кажува на оваа тема има многу да се зборува. Таа на самиот почеток на разговорот посочува дека периодот до седмата година од животот на децата е клучен за вложување и воспитување на децата.

-Трпение, упорност и истрајност се клуч на успехот не само кога е во прашање учењето и спремањето за поаѓање на училиште, туку воопшто во животот. Еднаш изградена личност останува таква и во подоцната доба, затоа право време за вложување и воспитание на децата е токму овој период до седмата година од животот, потенцира Никодиновска.

Поголемиот дел од родителите се обидуваат на различни начини да го опуштат детето за новиот почеток, но сепак Никодиновска потенцира дека од возрасните зависи дали тој момент ќе биде пријатен или не.

-Поаѓањето на детето во училиште е еден од најважните моменти на секое дете. Од нас возрасните зависи дали тој момент ќе биде пријатен или не. Детето во училиште ги добива првите големи животни обврски, запознава нови луѓе, стекнува ново познавање за светот кој го опкружува како и за самиот себе. Со самото тоа колку детето е спремно за поаѓање во прво одделение во толкава мера ќе ги приафти обврските кои ги носи училиштето, вели Никодиновска која понатаму истакнува дека е најважно да се разговара со детето, да се слушнат неговите размислувања и да му се објасни што претставува училиштето и неговите обврски во иднина.

-Како поаѓањето во училиште би било по опуштено и среќно, треба да се разговара со детето за тоа, да се слушне неговото размислување, неговите чувства, да му се објасни што претставува училиштето и кои ќе бидат негови обврски во иднина. Често на детето не му е лесно да се прилагоди на нова средина и може да трае со денови бидејќи не се сите деца исти. Доколку прилагодувањето оди тешко тоа ќе го забележите во нивното однесување можно е да се повлечат во себе, да чувствуваат страв, пореметување на апетитот, избегнување на училиштето итн. Честа последица на тоа однесување е неможноста да воспостави контакт со учителката или со неговите соученици. Сите овие реакции се нормални во самиот почеток, но многу е битна реакцијата на возрасните однсоно на нивните родители. Нивната реакција треба да оди во правец на разбирање и трпение, а никако на критики или чудење. Во тоа прилагодување треба да се разговара за ушилиштето, како детето ќе научи многу убави и корисни работи, дека ќе стекне многу нови пријателства, да верува во себе и дека може да смета на нивна поддршка доколку дојде на некои евентуални потешкотии, вели Никодиновска.

Неколку совети за родителите:

  • Не споредувајте го со други деца тоа е единстено!
  • Сите деца се различни, со различни интелектуални способности, со различна желба и мотивација за работа.
  • Немаат сите деца иста развиена самодоверба.
  • Никако не ги критикувајте и не ги казнувајте така само ќе им создадете несигурност.
  • Не губете надеж и не повишувајте тон.
  • Разговарајте со нив.
  • Преслушувајте го што денес научило.
  • Бидете во контакт со неговата учителка.

И за крај почитувајте ги потребите на вашето дете, спосбностите, желбата и интересите, да не заборавиме на работните навики на детето бидејќи тие се клуч на неговиот успех, и оставете доволно простор и време за игра и одмор.

СРЕЌНО И УСПЕШНО ШКОЛУВАЊЕ!