
Во краток период, двата македонски аеродроми – Скопскиот и Охридскиот се поврзаа со двоцифрен број на нови претстолнини, поврзување кое во одредена мера за туристичкиот сектор требаше да значи стимул и можност да пречекаат нови туристи.
Пред нешто повеќе од еден месец, вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски се пофали дека отворени биле 22 нови авиолинии, што ја поврзале Македонија со цела Европа. Исто така, нешто порано, премиерот Христијан Мицкоски истакна дека туризмот бил еден од нивните приоритети и дека целта на Владата била да се стигне до 5 милиони ноќевања во Македонија.

Во таа насока, Скопје Инфо направи кратко истражување за да провериме дали новите авиолинии донеле и нови туристи во државата.
Според податоците кои што Државниот завод за статистика (ДЗС) ги објави за јануари 2026 година, бројките покажуваат раст на бројот на туристи за 6,2 проценти, во однос на истиот месец минатата година. Така, бројот на туристите во јануари годинава изнесувал 52 943, од кои 38,2 проценти биле домашни, а 61,8 проценти биле странски туристи. Исто така, податоците на ДЗС покажуваат и дека во јануари биле реализирани 103 983 ноќевања, од кои 45,5 проценти биле од домашни туристи, а 54,5 проценти од странски туристи.
Иако не мора да значи дека ваквите бројки директно се должат на значителниот број новоотворени авиолинии, сепак евидентно е дека ваквата практика дава одреден позитивен стимул на туристичкиот сектор во државата.
Лиде Стојановска која е лиценциран туристички водич со 14 години искуство, за Скопје Инфо вели дека дефинитивно може да се каже дека во текот на 2025 година имало видлив пораст на странски туристи во Македонија.

„Тоа се забележува не само преку бројките, туку и директно на терен – низ Скопје, Охрид. Како туристички водич, секојдневно сум во контакт со гости и можам да потврдам дека има зголемен интерес, особено од западноевропските земји. Посебно се издвојуваат туристите од Шпанија, но исто така има и зголемен број гости од Франција, Германија и Италија. Сè повеќе луѓе ја откриваат Македонија како нова, автентична и сè уште некомерцијализирана дестинација, што е голема предност“, истакна Стојановска.
Таа оцени дека воведувањето на новите директни авиолинии има огромно значење за развојот на туризмот, бидејќи тие значително ја олеснуваат организацијата на патувањето и, како што вели, ја прават Македонија подостапна за странските туристи.
„На пример, линиите од и до Барселона и Мадрид веќе покажуваат конкретни резултати со зголемен број шпански туристи. Но, не се само тие – и другите нови авиолинии кон различни европски градови придонесуваат за поголема видливост на нашата земја и носат туристи од различни пазари. Денес туристите сакаат лесен и брз пристап, а директните летови се клучен фактор при изборот на дестинација“, објаснува Лиде Стојановска.
Туристичкиот водич Стојановска вели дека во нејзината работа најмногу била фокусирана на туристи од шпанското говорно подрачје, па природно таму најмногу го забележува растот, но смета дека сликата е многу поширока.
„Освен Шпанија, има стабилен и зголемен интерес од Франција, Германија, Италија, како и од други европски земји. Исто така, сè почесто има и индивидуални патници и помали групи кои доаѓаат преку различни авиолинии и ја комбинираат Македонија со други балкански дестинации. Ова покажува дека Македонија полека, но сигурно се позиционира како дел од поширока регионална туристичка рута, но и како самостојна дестинација со голем потенцијал“, посочи таа и додаде дека според неа, токму сега бил вистинскиот момент да се работи на развој и промоција и на другите делови од Македонија како туристички производ.
Исто така, сличен тренд забележуваат и оние кои се занимаваат со сместување. Така, Бошко Дамоски, сопственик на Вила Антигона во Охрид, за Скопје Инфо вели дека во минатата година имало забележителен пораст на странски туристи во Охрид.

„Овој тренд е особено видлив во споредба со претходните неколку години, при што се зголемува интересот од повеќе европски пазари. Причините за ова се повеќеслојни – подобрената авионска поврзаност, зголемената онлајн промоција на дестинацијата, како и генералниот тренд на туристите да бараат нови, автентични и помалку комерцијализирани дестинации“, посочи Дамоски.
Во однос на тоа дали и како воведувањето на новите директни авиолинии влијае на посетата на странски туристи во нашата држава, Дамоски оцени дека станува збор за значително позитивно влијание врз туризмот во земјата, правејќи ја дестинацијата многу подостапна, особено за туристите кои патуваат на кратки одмори или викенд-патувања.
„Намалувањето на времето на патување, како и пониските трошоци за летови, директно влијаат на одлуката на туристите да ја изберат Македонија. Дополнително, подобрата поврзаност со големи европски градови придонесува за зголемена видливост на дестинацијата и полесна организација на туристичките аранжмани, што резултира со пораст на резервациите“, објаснува тој.
Според нивното искуство, најголем ефект имале авиолиниите што ги поврзуваат Охрид и регионот со западноевропските центри, особено оние во Германија, Холандија и Велика Британија.
Дамоски оценува дека овие земји имаат стабилен и континуиран интерес за Охрид како летна туристичка дестинација.
„Туристите од овие земји најчесто планираат однапред, престојуваат подолго и имаат тенденција да се враќаат повторно, што дополнително придонесува за стабилен раст на туристичкиот промет“, додава тој.
Воедно, младиот бизнисмен од Охрид истакна дека просечниот престој на гостите трае помеѓу 4 и 7 ноќевања, особено, како што вели, кај странските туристи кои доаѓаат на летен одмор и сакаат подетално да ја истражат дестинацијата.
Сепак, нагласи дека значаен бил и бројот на гости кои престојувале пократко, односно околу две ноќевања и за нив вели дека најчесто го користеле Охрид како попатна станица при патување кон или од морските дестинации во регионот.