Колку сме вкупно население - ќе биде официјално презентирано утре во Филхармонија

Првиот сет на податоци од Пописот 2021 што ќе биде објавен утре во Македонска филхармонија во Скопје, ги опфаќа податоците за вкупното резидентно население, вкупното нерезидентно население, пол, возраст, етничка припадност, вероисповед, мајчин јазик и јазик кој вообичаено се зборува во домаќинствата, број на станови и број на домаќинства, а во месеците што следат ќе бидат објавувани сетови на податоци за образовните и економските карактеристики на населението, за становите, за домаќинствата, попреченост …

На презентацијата ќе се обратат директорот на ДЗС, Апостол Симовски, заменик-директорот, Илми Селами и меѓународниот експерт од Словенија, Данило Доленц. Се очекува присуство на премиерот Димитар Ковачевски, на членови на Владата, на претставници на дипломатскиот кор во Северна Македонија, претставници на агенции, институции и организации, како и делегации на статистичките заводи и институти од  регионот и пошироко, велат од ДЗС.

Пописот на населението, домаќинства и становите 2021 е прв попис по многу параметри – прв по речиси две декади, првпат во пандемија, првпат со комбиниран метод, прв на кој се попишува дијаспората и најважно од се, наспроти сите предизвици успешно завршен.

Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски во интервју за МИА, вели дека е особено горд што овој попис е ефикасен, професионален и успешно спроведен и претставува темелен, точен и прецизен приказ и пресек на нашето општество.

Вкрстената анализа на сите податоци, Симовски, вели дека не остава простор за манипулација и кога располагате со сериозни бази на податоци преку кои неколкукратно правите проверка на прибраните податоци од терен, можноста за грешка е практично непостоечка. Имањето на прецизни информации за реалната состојба на населението, ќе ѝ обезбеди на државата можност да креира политики, кои ќе можат подобро да одговорат на потребите на граѓаните и бизнисот.