Колку се реални цените на становите во Скопје?

Да се купи денеска стан за многумина е невозможна мисија. Нискиот животен стандард, малите плати, тешко достапните банкарски кредити со високи камати ја прават уште подалечна желбата на луѓето што сакаат да го решат станбеното прашање. 

Но освен со овие, граѓаните, особено овде во главниот град, се соочуваат со можеби најголемата блокада ако сакаат да купат стан. Секако тоа е цената. Според некои истражувања квадратен метар во центарот на Скопје е на исто ниво или пак вреди многу повеќе од цената во голем број светски и европски метрополи.

Во Будимпешта најевтините станови во центарот се купуваат и за 1080 евра за квадрат. Во регионот, во Македонија по Хрватска и Црна Гора становите се најскапи.

Сепак и покрај давачките бизнисот со недвижности се уште важи за најпрофитабилен сектор. Станбен квадратен метар се гради за цена од 350 до 450 евра, со сите платени давачки сумата стасува до 700 евра. Секоја цена над оваа познавачите е чист профит за фирмите. 

Во Македонија цената на становите нагло порасна по осамостојувањето. Становите ги поскапе масовната миграција село - град и впечатокот дека инвестицијата во недвижности е со најмал ризик.