Колку се квалитетни новите станови?

Становите градени од компаниите кои се членки на Сојузот на стопански комори се според стандардите и сигурни се, тврди претседателот на Градежната комора при ССК Ивица Јаќимовски.

Тој вели дека за другите станови не може да зборува, но им советува на купувачите ако сакаат да се уверат во квалитетот да побараат од инвеститорот да им ги покаже резултатите од сите лабораториски испитувања на вградените материјали и сертификатите кои го гарантираат нивниот квалитет.

– Постојат стандарди за бетон, за железо, што пак постојано се контролира од акредитирани лаборатори. Не може да се вгради бетон или арматура, а тие да не се согласно со стандардите, вели Јаќимовски и додава дека постојат и контроли од ИЗИИС.

Околу две илјади стандарди за квалитет на градежни производи и за проектирање Македонија ги преземала од ЕУ како национални. Но, само дел од нив производителите на градежни материјали се законски обврзани да ги исполнат. Соња Черепналковска, раководител на сектор во Институтот за стандардизација на Република Македонија вели дека компаниите од нив ги купуваат главно обврзувачките стандарди, а нивната цена во зависност од тоа колку страници имаат, се движи од 500 до 3.000 денари.

– Доброволната примена на стандардите, сепак, заостанува. Анализите покажуваат дека најпродавани се стандардите што се однесуваат за прозорци и врати, за агрегати за патишта и бетон. Еден стандард се повикува на низа други стандарди што говорат за испитување на градежниот производ. Тие пакети во случајов со агрегатите се најпродавани стандарди, а по нив следуваат стандардите со методите за испитување на бетонот и цементот, изјави таа.

Директорот на Институтот, Џевад Кицара, потенцира дека иако ИСРМ ги продава најевтините стандарди во регионот, сепак, некои производители наместо оригинални, користат фотокопии, што според Законот за авторски права подлежи на санкции, па ги повика инспекциските органи да ги откријат таквите појави.

– Потенцираме да се бараат оригинални стандарди од овој или кој било друг институт затоа што во минатото се случувало да доаѓаат фирми со фотокопиран стандард од каде било и да бидат конкурентни на пазарот. Ако купите стандард веднаш станувате конкурентни и покажувате дека сакате да ја изведувате работата квалитетно, рече Кицара и појасни дека стандардот се купува еднаш и се користи се додека е важечки, односно додека не се направи негова измена.

Јакимовски, пак, очекува примената на стандардите во градежништвото да се издигне на повисоко ниво по неодамнешното стапување во сила на Законот за градежни производи.