Една млада жена од Куманово деновиве преку видео на социјалните мрежи јавно побара помош за своето семејство.

„Живеам со родител којшто константно е во алкохолизирана состојба, со дијагноза на ментални растројства, којшто уште во 2019 година има лежено во Психијатриска болница во Скопје. Во октомври во оваа година има лежено во Бардовци и имаме обиди уште многу пати да се хоспитализира меѓутоа неуспешно, со тоа што секогаш добиваме одговор дека нема место или дека не е доволно сериозна ситуацијата“, вели таа во своето видео обраќање. Нејзиното сведоштво за кратко време се прошири низ социјалните мрежи, а потоа случајот го презедоа речиси сите национални медиуми.
Редакцијата на „Слободен печат“ се обрати до Психијатриската болница „Бардовци“, од каде директорот Иса Абдулаи изјави дека во тој момент немало можност за прием бидејќи ургентното одделение на болницата се реновира. Според неговите изјави, поради недостиг на капацитет не можеле да примат нови пациенти. Подоцна, дел од медиумите пренесоа информација дека пациентот бил транспортиран од Куманово во психијатриската болница во Демир Хисар, со полициска придружба и медицински тим.
Но, зад оваа вест останува едно многу поголемо прашање.
Дали помошта треба да дојде дури откако една ќерка ќе ја сподели својата болка со илјадници непознати луѓе?
Не секој има храброст да застане пред камера. Не секој има публика што ќе го сподели неговото видео. А безбедноста на една мајка, една ќерка или едно семејство не смее да зависи од тоа дали нивната приказна ќе стане вирална.
Овој случај не треба да биде причина за дополнителна стигматизација на луѓето со психички нарушувања. Напротив, најголемиот дел од нив не се насилни и често самите се соочуваат со предрасуди и недоволна здравствена поддршка. Но кога постојат сериозни закани, насилство или непосреден ризик, институциите треба да имаат јасни механизми за брза реакција – и за заштита на семејството и за обезбедување соодветен третман за лицето на кое му е потребна помош.
Најтешкото прашање останува без одговор:
Што ако ова видео никогаш не беше објавено?
Колку други семејства денес живеат во страв, без нивниот повик за помош да стигне до јавноста? Колку мајки и ќерки не добиваат внимание затоа што немаат илјадници следбеници или затоа што не можат јавно да зборуваат за својата болка?
Ниту една жена не треба да стане вест за да биде заштитена. Ниту едно семејство не треба да зависи од алгоритмите за да добие помош. Јавноста може да биде гласен сојузник, но таа не смее да биде услов за институциите да реагираат.